Живописен премин: Кожуф кон Мариово

Многупати ќе нѐ прашаат кое е нашето омилено место во Македонија, а одговорот е дебата без почеток и крај. Ќе се сложиме за една локација и набрзо ќе заминеме да истражуваме, кога всушност сфаќаме дека секоја следна е поубава од претходната. 

 

Македонија е толку богата, што на човек му е потребен животен век за да ја истражи цела. Штом си тука на нашиот сајт, значи дека ти си од оние кои сакаат да знаат со какво богатство располагаме, а нас ни е многу драго!

Да се вратиме на насловот. Неретко ќе слушнете дека Кожуф е меѓу најубавите планини во Македонија, а има и зошто. Последната наша авантура беше сосема случајна и непланирана, а љубопитноста нѐ одведе низ недопреното тло на оваа планина.

После неколку дена поминати во Михајлово, на 1200мнв, се спакувавме со цел да стигнеме во прилепско Мариово. 

Во продолжение е нашата рута по еден од највисоките и најубави планински премини во Македонија. Можеш да го возиш со џип, мотор, велосипед или пак пешки.

Од страната на Кавадарци се упатуваш кон село Мрежичко, каде ќе наидеш на фабриката Кожувчанка, а набрзо и на рудникот Алшар. Такви погледи има од тука што ќе ти изгледа како да си дел од сцените на Џурасик Парк.

Кажуваш чао на последните куќи и потонуваш во срцето на зелениот рај, каде те чека густа, борова шума, покрај која забораваш дека е лето.

Патот е долг 40км, од кои само 15 се асфалтирани, што е сосема доволно за да се соединиш со природата. Тука има и преубав водопад, вешто скриен во дивината – името му е Јаворски.

Највисоката точка достигнува околу 1450мнв, од каде планинските слоеви на Мариово се преплетуваат во хоризонтот. Иако крајната дестинација ќе ти изгледа блиску, не брзај да стигнеш, затоа што ќе ги одминеш шумските плодови кои висат покрај патот и чекаат некој да ги набере.

Помини го камениот пат кој сведочи за долгата историја на местото и веќе си во Витолиште. Ако имаш уште слободно време, продолжи да истражуваш нови, скриени места на кои вреди да се вратиш.

Се гледаме на планина,

Ана и Мане