7 дена низ Романија 🇷🇴

После секое патување, практикуваме да ги преточиме нашите импресии во детали, а тоа е еден процес кој бара време и фокус, со цел да ги собереме сите материјали и емоции на едно место.

 

Додека така, сакам првата објава секогаш да ни биде целокупното наше искуство и презентирање на одделните локации од конкретната област.

 

На истиот начин, овојпат ќе зборуваме за Романија. Земја која припаѓа на Балканот, а паралелно ја доживеавме како микс од различни култури и влијанија кои делувале на нејзиниот денешен изглед, што од историски и политички аспект, што од географски и културен.

 

За наше чудо, очекувањата беа надминати во позитивна смисла и она што го видовме е сосема различно од нашата претстава за Романија претходно.

 

Препознатлива по високите планини и пејзажи, широките пространства на сончогледови полиња, градовите кои повеќе наликуваат на европски отколку балкански и традиционалниот мирис и вкус на сите нејзини специјалитети, Романија се вбројува во листата на земји  кои се вредни да се отпатува до нив. 

 

Ако се впуштите во авантура и истражување, ќе ве примами широкиот асортиман на места кои има да ги понуди, без разлика која е вашата мисија на патувањето. Јас и Мане сме сигурни дека нема да ве разочара, а вие проценете сами според кадрите кои успеавме да ги доловиме.

 

Подолу, ќе ви ја напишам нашата рута која се надевам ќе ви служи како инспирација и прв чекор за вашиот следен roadtrip. Секако, ќе ни биде драго доколу си направите измена, додадете нови места или можеби некој ден плус во споредба со нашата авантура.

 

📌 Craiova

Најголемиот град во јужниот дел на Романија, кој лежи меѓу Дунавската котлина и планините Карпати. Ако патувате од Македонија, првото ноќевање направете го тука, а потоа продолжете со истражување на остатокот од регионот Трансилванија. Преку ден обиколете го градскиот парк Романеску, а вечерта направете прошетка до стариот град и запознајте се со неговите интересни градби од минатото. Крајова важи за раздвижен град, кој сигурно ќе ве задржи на вечерна пијачка, ако не и оброк.

 

📌 Трансфагарашан

Планината Фагараш е место кое не сакате да го пропуштите на оваа авантура. Густите шуми и високите карпи ќе го направат вашето патување незаборавно, а полукружните кривини ќе ве однесат до највисоката точка – езерото Балеа кое се наоѓа на 2037 метри надморска височина. Најголемата популација на мечки во Романија се наоѓа на оваа планина, што не е воошто чудно ако сретнете некоја од нив. Важно е да избегнувате било каков контакт, особено да не ги храните. Тоа се диви животни, колку и да ви делуваат кротки, сигурно не сакате да ги видите во нивното вистинско светло. Држете ја вашата камера во рака, направете слика или видео и продолжете го вашето патување.

*не застанувајте на патот и не правете колона, особено ако сте во кола, затоа што додека вие се восхитувате од удобноста на вашето возило, мотоциклистите и велосипедистите се изложени на опасност кога треба да чекаат во двосмерна колона и не можат да поминат помеѓу.

 

Преминот Трансфагарашан има должина од околу 90 километри и се вбројува во топ рути во светот за возење со мотор. Најдобро е да тргнете од страната на Сибиу за да можете да ги возите големите кривини нагоре. Имајте на ум дека во летниот период има голем број на туристи и застој во сообраќајот, што ќе придонесе стоење во колона или постојано претекнување на автомобили и автобуси, а со тоа вашето патување ќе стане мачно. Најдобро тргнете во раните утрински часеви или возете го во обратен правец – започнувајќи од Питешти.

 

📌 Брашов

Сместен во прегратките на Карпатите, градот Брашов ќе ги задоволи вашите естетски сетила со јасниот контраст меѓу шарените, традиционални градби, високите цркви кои се издигаат над урбаниот хоризонт на градот & зелените борови шуми во позадина. Не пропуштајте посета на стариот град и уживање во културата во овој комплетно убав град. Ќе се изненадите од неговото уредување, чистота и пријатна хармонија на современиот живот кој е присутен помеѓу старите поплочени улици.

 

📌 Рашнов

Во непосредна близина на Брашов, се наоѓа градот Рашнов чија архитектура со сигурност ќе ви привлече внимание и ќе ве натера да се запрашате како живее едно романско семејство позади шарените, совршено дизајнирани фасади и високите порти во низа кои целосно го попречуваат погледот кон нивната приватност. Ова беше за нас многу фасцинантно, не само во Рашнов, туку и во сите села и населени места околу, аплициран е овој стил на градење. 

 

На ридот кој се издигнува високо над градот има историска тврдина, до која се стигнува пеш или со гондола. За жал, во моментот кога престојувавме беше затворена и не успеавме да се качиме. Ако одите во Рашнов, направете го тоа.

*важно: сите локали работат до 22:00ч навечер, а служат храна до 21:30ч. Доколку не сте јадени, обезбедете си храна предвреме, затоа што после ова време нема да најдете ништо отворено, освен бензинска пумпа.

*преноќивме во Рашнов, затоа што е раскрсница помеѓу трите замоци (читај подолу)

 

📌 Замокот Пелеш

Изграден на почетокот од XX век од првиот крал на Романија како негова летна резиденција. Се наоѓа во областа Синаја (Sinaia) во Бунешти, на патот кој ги поврзува Трансилванија и Валахија. Одлично место за прошетка, разгледување и уживање на југоисточните падини на Карпатите.

 

📌 Замокот Кантакузино

Нео-романски објект кој со неговата архитектонска, историска и уметничка вредност ги привлече режисерите на популарната мини-серија Wednesday да снимаат тука. Всушност, замокот ја претставува Nevermore академијата, по што неговата популарност двојно се зголемува. Освен што ќе ги препознаете кадрите, тука може да уживате во погледот кон Карпатите, да останете за кафе или ручек пауза во некој од рестораните или пак можеби да ја направите вашата свадбена фотосесија. Додека посетата на градините е отворена за индивидуална посета (20lei или 250ден кошта билет за влез), пристапот во внатрешноста е забранет, освен ако не одите во група со водич, организирана од нивна страна. Но, за да го направите тоа, веројатно ќе треба да имате личен преведувач или да разбирате романски јазик затоа што е единствениот јазик на кој се одржуваат овие тури.

 

Во рамките на замокот ќе наидете на табли кои ќе ве заинтригираат да го барате кружниот прозорец со витраж од собата на Wednesday. Додека во моментот целото тоа ви изгледа реално поради бројните витражи на прозорците од замокот, морам да ве разочарам и да ви кажам дека истиот е добиен со студио снимка и пост-продукција во Букурешт. Билетот за да го видите ќе ве чини 15 lei, односно 200 денари, а сѐ што има внатре е соба која е рекреација на собата на Wednesday и нејзината цимерка, а кружниот прозорец е едно обично платно на кое се проектира витражот, ставено за да се “измамат” туристите кои доаѓаат тука.

 

📌 Замокот во Бран

Уште познат како замокот Дракула, е изграден од страна на Саксоните (германски народи) во IX век и прераснува во препознатлив симбол на Трансилванија. Конкретната локација на која е изграден е граница помеѓу двете историски области: Трансилванија и Валахија, што донело до преплет на приказната и поврзување на замокот со владетелот Влад III, познат како Дракула. Иако овие податоци не се во целост потврдени, денес се раскажува приказната за Влад и неговата стратегија на војување против Османлиите и на тој начин се привлекува вниманието на туристите. 

 

📌 Рудникот за сол во Турда (Salina Turda)

Подземен свет кој ќе ја надмине твојата најлуда имагинација. Започнал со работа во VII век под водство на Унгарија, сѐ до првата половина на XX век, по што е реновиран и во 1992 година пренаменет во центар за халотерапија/спелеотерапија (алтернативна медицина која користи сол и помага на луѓе со опструкции на белите дробови). Две декади подоцна, направена е голема инвестиција и рудникот е претворен во музеј, односно туристичка атракција. Освен што можете да дознаете историски и технички податоци за неговата изградба и работа, внатре е збогатен со рекреативни содржини како пинг-понг, амфитеатар, куглање, сувенирница, па дури и подземно езеро во кое може да веслате со чамец.

 

Неговата длабочина достигнува цели 120 метри што го прави најголем музеј-рудник во светот, истовремено направен од човечки раце. Температурата во внатрешноста се движи од 10 до 15 степени, а било каква наметка на долги ракави ќе ви биде од корист многу кратко после влегувањето.

*Билетот за влез чини 60 lei, односно 750 денари. 

 

📌 Трансалпина

Вториот најпознат правец во Романија и меѓу првите во светот. Должината на овој планински премин е 140 километри, а највисоката точка на која се издигнува е 2137 метри. Возењето низ зимзелената шума брзо ќе премине во возење со ширум отворени погледи во далечина, пријатната температура ќе биде заменета со остра свежина на воздухот, а патувањето кон оваа непозната локација ќе се претвори во целосно поврзување со природата. По пат ќе наидете на различни видиковци, тезги со сувенири и планински барови кои служат традиционална храна во нивниот препознатлив и автентичен прибор. Задолжително пробајте Bulz (палента со сирење и јогурт) и некој вид на месо и кашкавал кои се произведуваат локално.

 

Овие седум места се доволно за една недела авантура, но тоа не значи дека не може турата да биде поинтензивна и да направите распоред за помалку денови или обратно, ако имате слободно време да си ја продолжите турата и да истражувате малку повеќе од тоа што видовме ние.

 

Тука ќе додадеме и некои дополнителни информации кои може да ви бидат од корист:

  • Во Романија ќе наидете на јазична бариера, многу мал дел од населението разбира англиски. Бидете спремни да се разбирате со гестикулации, калкулатори, цртање, па дури и Google Translate за посложени теми

  • Имаат тактики со кои ги “залажуваат” туристите, пробуваат да ви продадат по повисока цена, мамат при наплаќање на курсот итн. Бидете претпазливи и не верувајте на сѐ што ќе ви кажат

  • На многу од местава не можете да платите со картичка, така што имајте романски леи во џеб во секое време

  • Проверувајте работно време и работни денови на секоја од знаменитостите одделно пред да се упатите. Некогаш знаат да бидат затворени.

  • Преминот Трансфагарашан е отворен само неколку месеци во годината во летниот период. Доколку планирате посета во друга годишна сезона, исклучете го од рутата.

  • Романската кујна е позната по производство на кашкавали и месни производи кои потекнуваат од планинскиот регион на Карпатите. Доколку немате проблем со тестирање на нови и непознати оброци, ви препорачуваме да ги вкусите нивните производи.

  • Ако патувате во жешките денови, барајте сместување со клима уреди затоа што најголем дел од понудените немаат поставено.

  • На Трансфагарашан има многу помал избор за сместување, отколку на Трансалпина која претставува зимски ски-центар

  • Ако тргнувате од Македонија, може да стигнете преку Софија, Бугарија до Букурешт, Романија или ако возите преку Србија, можете преку правецот Ниш – Зајечар – Дробета Турну / Неготин-Видин,Бугарија – Крајова 

  • Во Србија можете да направите пауза во Малча и да ја посетите локалната винарија и ресторан (се наоѓаат на самиот пат), да направите винска тура и да јадете традиционална храна

  • Во близина на Видин, Бугарија може да го посетите Белоградчик кој е препознатлив по неговата тврдина и карпите над нејзе

 

Ти посакуваме безбедно и незаборавно патување!

 

До следна авантура,

 

Ана и Мане