🇲🇪ДУРМИТОРСКИ ОЧИ
Ако твоите соништа вклучуваат планини, море и природа како од бајките, време е за авантура во Црна Гора . Тука, јавето е подобро од сон, а понудата на места вредни за посета – неограничена.
Овојпат, избравме тура која вклучува пет планински езера, кои ќе ги дознаеш во продолжение на овој водич.
ОПШТО
Иако не пропуштивме шанса да се разладиме во Јадранско море, сепак поголем дел од времето оставивме за истражување на планинските предели.
Национален парк Дурмитор е регион во кој се кријат едни од највпечатливите пејзажи кои некогаш ќе ги доживееш. Често го нарекуваме “Балкански Алпи”, а има и зошто. Тука, планинскиот туризам е во полн ек, а можностите за истражување се речиси бескрајни.
Станува збор за прекрасен планински свет, сместен во северниот дел на Црна Гора, во кој се кријат 748 природни извори, 5 длабоки кањони, бројни карпести врвови и дури 18 глечерски езера. Од овие природни дадености, произлегува цела палета на активности кои имаат цел да те доближат до автентичната природа на Дурмитор.
Како главен планински центар се јавува Жабљак, највисокиот град на Балканот. Тука ќе најдете бројни сместувачки капацитети, како и угостителски објекти за сечиј вкус. Најважно од сѐ, Жабљак е идеална база и почетна точка за поголем дел од патеките во околина.
Во прилог ти ја оставивме нашата целосна рута долга ~1000км, а во продолжение разгледај ги одделните локации:
- патот од Скопје до Жабљак е прилично долг и напорен. Возевме преку Косово и Албанија, а направивме една вечер пауза на море, кај заливот Буљарица
- кампот кој го избравме се вика “Маслина” – плативме 50€ ноќевање за 4 лица, две возила со кровен шатор и струја на една парцела (цената се однесува за месец јуни и може да варира)
I: ВРАЖЈЕ И РИБЈЕ ЕЗЕРО
Вистински планински очи, огледала кои ги отсликуваат високите карпести врвови во позадина. Сместени се на ~1600мнв, препознатливи по својата изразено сина боја, лежат како контраст во пространствата од зеленило.
Првото и поголемо е Вражје Езеро, чие име значи “ѓаволско” езеро. Околу неговото постоење се вртат интересни легенди од типот дека порано постоеле ѓаволи кои испаѓале во текот на ноќта и нанесувале зло на сите кои се во околината, други го поврзуваат со силните ветрови кои кружат и мистичната боја на езерото, а трети тврдат дека сите што пробале да го препливаат се удавиле.
И покрај овие приказни, не може, а да не се согласиме за неговата убавината и таинственост . Зачувај малку време за впивање на природата и седни си покрај брегот со топло кафе.
Веднаш позади ридот, ќе пронајдеш реплика на пејзажот во помала форма. Рибје Езеро е уште едно скриено богатство на Дурмитор, познато по својата кристално чиста и мирна вода и спокојната атмосфера која го опкружува.
Очекувано, името го добива поради чудесното изобилство на риби кои некогаш живееле во неговите води. Но, како што раскажуваат локалните жители, еднаш во езерото се појавил злобен дух што почнал да ги плаши и ги прогонува рибите. Луѓето верувале дека тоа е казна за оние што ја загадувале природата околу езерото.
Оттогаш, рибите исчезнале, а езерото добило репутацијата за мистериозно и тивко. Локалците веруваат дека ако се однесуваш со почит, езерото ќе те награди со својата тишина и убавина.
Овие две езера ќе ги пронајдете во близина на Жабљак, на ~12км оддалеченост. Да стигнете до нив, може да бирате меѓу пешачење, возење велосипед или посета со кола. Кампувањето на диво е забрането и казниво, но ќе ти откриеме каде ние кампувавме.
II: ЈАБЛАН ЕЗЕРО
Првата планинарска патека на Дурмитор е испешачена ✅. Целото наше патување се вртеше околу езерата, па така дојдовме и до изборот на патека. Сакавме да ја разгледаме планината од друга перспектива и сигурни сме дека не згрешивме во изборот.
Станува збор за кружна рута од околу 13 километри, а езерото Јаблан ни беше прва дестинација за освојување. До него се стигнува преку маркирана патека која се провлекува низ густата борова шума, а наглото искачување во првиот дел од патеката лесно се заборава кога се движиш под дебелата сенка на дрвјата.
Погледите кои се отвараат над шумата се награда за твојата издржливост, а понатаму секој чекор е мелем за душа. Круна од карпести врвови, планини во далечина кои се преплетуваат, симфонија од природни звуци во позадина и незаменливо чувство на спокој додека си во прегратките на овој драматичен терен.
Езерото се наоѓа на пат кон познатиот карпест врв Црвена Греда (2164m), кој можеш да го вметнеш во твојата рута доколку ти фали уште некој километар пешачење и поглед од птичја перспектива.
Во негова близина се крие магичен видиковец кој нуди панорама на овој алпски предел. Иако е скриен во шумата и треба да се потрудиш да го најдеш, ние ја завршивме работата и го означивме на мапата како дел од целосната рута. Овој detour ќе ви одземе десетина минути, но верувајте дека погледот од таму вреди многу повеќе!
III: ЗМИЊЕ ЕЗЕРО
Вториот дел од турата не беше ништо помалку фасцинантен, а пешачењето кон камп го збогативме со уште едно природно езеро.
Неговото име е Змиње и лежи на 1520мнв , во тивкиот амбиент на дурмиторската црна шума . Препознатливо е по својата тиркизно-зеленкаста боја и разновидниот еко систем кој е единствен и кревок. Затоа, се препорачуваат ненаметливи активности како пешачење, набљудување, пикник и фотографирање.
До него може да стигнете преку планинарска патека директно од Жабљак или да се приклучите на рутата која ви ја предложивме.
IV: ЦРНО ЕЗЕРО
Ако слушнеш некој да зборува за “Кралицата на Дурмитор” – знај дека мисли на Црно Езеро. Тоа е најголемото езеро во националниот парк, со неопислива убавина и непроценлива вредност. Езерото е вистински бисер кој го краси градот Жабљак и традиционално, секој турист кој доаѓа за првпат, мора да го посети уште истиот ден.
Пејзажот од далеку ги врамува двете водни површини кои го формираат познатото Црно Езеро (Мало и Големо Езеро), а над нив “висат” два драматични и карпести врвови – Мал Меџед (2217m) и Голем Меџед (2287m). Сликата е уметност и прави да се наежиш.
До езерото водат неколку патеки од различни страни, ние ја избравме онаа што започнува од кампот Млински Поток (види мапа), истиот во кој престојувавме. Меѓу сите останати, околу езерото кружи целосна патека, означена и одлична за рекреација.
Дополнително: во непосредна близина на Жабљак се наоѓа и Барно Езеро, кое се смета за лековито.
Камп:
Во околината на Жабљак има три кампови, а ние се одлучивме за Млински Поток, од причина што веќе сме спиеле таму и ни беше сигурна опција. Кампот е целосно природен, во тивка околина и има незаборавен поглед кон врвот Меџед.
Цена/ноќ: 25€ (две лица + возило со кровен шатор + струја)
*цената може да варира во зависност од перидот*
Кампот има заедничка просторија за користење со маси и клупи, надворешни летниковци, мини бар и тушеви со тоалети и мијалници. Во близина нема продавница, па ако решите да одите – снабдете се со храна и други потребни работи.
Ако сакаш и ти да кампуваш со кровен шатор, можеш да го изнајмиш нашиот TENTHOUSE и да имаш незаборавна авантура!
🚙ЖАБЉАК - КОЛАШИН - ПЕЌ
Враќањето назад дома за многу луѓе е досадно, но не и ако патуваш со нас. Иако цел ден ни беше резервиран за возење, се потрудивме рутата да биде интересна и живописна.
Од Жабљак тргнавме кон Шавник (може да стигнете преку главниот пат или покрај Вражје Езеро), а оттаму се упативме преку планинскиот премин кој води до Колашин. Во должина од 75км ќе сведочите за уште една автентична природа на Црна Гора, со очи широко вперени кон “круната” (назив за карпестите врвови во форма на круна) и ќе треперите од возбуда секојпат кога ќе погледнете во длабочината на кањонот Морача.

Овој премин има ширина од неполни две ленти асфалтен пат, затоа бидете внимателни при возењето. Веќе пред Колашин, патот се проширува и топло препорачуваме да направите пауза и погледнете назад – не сте ни свесни низ каква природа возевте пред да се завртите.
Ако сте за вкусен оброк, застанете во ресторан Савардак и пробајте некои локални специјалитети додека седите на брегот од реката под дебела сенка.
Уште една клисура пред вас за возење и се упатувате кон Пеќ во Косово (преку Беране и Рожаје). Ова за нас е најубавиот граничен премин кој постои, сместен на 1800мнв во прегратките на импресивна природа.
За крај:
Богатството на планината се мери по количеството на вода, а судејќи по ова – Дурмитор е скапоцен камен! Ако намерно или случајно одличиш да ја истражуваш бајковитата природа на Црна Гора, види го нашиот youtube vlog:
(coming soon)
Разгледај ги нашите приказни на Инстаграм:
Дополнително:
Прочитај го блогот ADRENALINE+ кој ги опфаќа најубавите делови од Црна Гора
Посакуваме незаборавни авантури ова лето!
Се гледаме на планина,
Ана & Мане