Adrenaline+

Македонија - Косово - Црна Гора - Босна и Херцеговина - Србија

Да постои временска машина, би се враќале на оваа тура одново и одново. Пет дена, пет држави, 1200 километри.

 

Да треба да ја повториме, веројатно би направиле мали измени кои тука ќе бидат напоменати, а ви одлучете дали ќе го задржите распоредот на рутата или ќе си направите своја варијација.

 

Зошто “ADRENALINE+”? На оваа тура и дадовме име, а одговорен за неа е татко ми (он си има навика да навлезе во детали со организација кога станува збор за патување). Не е тешко да се заклучи дека сме од иста фамилија? Хаха. Рутата мине исклучиво низ планински предели, да не речам едни од најубавите на Балканот. Фактот што ја возевме со мотор е оној плус, кој дава дополнителна вредност на целокупното искуство.

 

Но, тоа не треба да биде ваша пречка доколку се одлучите да одите со кола или камперско комбе. Тука ги вметнавме сите информации кои ги имаме, кои се надеваме ќе ги искористите како водич за вашата следна авантура.

 

Првиот совет кој ќе споделиме со вас е ова патување да го изведете во јуни или почеток на јули. Тогаш природата ја доживува својата кулминација, реките се полни со вода и температурата е одлична.

ДЕН 1: Македонија - Косово - Црна Гора

Скопје – Пеќ:

Во раните утрински часеви заминуваме од Македонија, се упатуваме во правец на Приштина, а потоа кон градот Пеќ (Peć). Тука можете да наточите гориво, затоа што следи планински превој на кој се наоѓа граничниот премин. Северно од градот Пеќ, се движите во насока на градот Рожаје во Црна Гора кој е оддалечен околу 50км. 

Пеќ – Рожаје:

Ова е еден од најинтересните гранични премини, сместен во комплетна дивина, вешто скриен во боровата шума на планината Хајла. Овие пеесетина километри се возбудливи, со остри кривини, погледи кон планинските масиви во далечина и богати со густа природа.

 

Тип: патот го возат многу камиони, преку целата година. Внимавајте на вашата безбедност ако ги претекнувате или едноставно намалете ја брзината и уживајте во пејзажот.

Рожаје – Колашин:

Стигнавте во Рожаје, а сега преку Ново Насеље, возите кон Колашин. Веќе се адаптиравте на планинскиот воздух, а тука ви станува јасно дека секое место што следи е поубаво од претходното.

 

Патот до Колашин мине низ Национален парк Биоградска Гора кој е дел од падините на планината Беласица, природен резерват заштитен од Унеско. Во неговите прегратки крие неколку планински езера, па ако сакате да направите detour и малку да истражувате – сега е моментот.

 

Тука ќе најдете фамилијарни кафани, етно ресторани и планински куќи кои сигурно ќе ве задржат подолго од што треба. Ако нас нѐ прашувате, треба да застанете. Никогаш не е на одмет порција домашна храна послужена во срцето на планината.

Колашин – Мојковац:

Уште еден правец кој мине низ националниот парк и кој сигурно нема да ве разочара. Веќе почнувате да се прашувате, како е можно толку богатства на едно место? Но, да ви кажам, не сте нималку спремни за ден 2.

 

Во Мојковац можете да најдете место за преноќување и да наполните батерии за сѐ што следи.

ДЕН 2: ЦРНА ГОРА / Кањон Тара - Национален Парк Дурмитор - Рафтинг Центар

Мојковац – Црна Пода:

Добронамерен совет е овој ден да го зграпчите уште од раните утрински часеви. Оставете си време за утринско кафе, спремете си појадок и ужинка за по пат и кажете чао на Мојковац затоа што ве чека “осмо светско чудо” на само неколку километри од вас. Ова е локацијата каде кањонот на реката Тара и Национален парк Дурмитор се преклопуваат на мапата, а прво од богатствата со кои ќе се сретнете е “Црна Пода”.

 

Во кањонот на реката Тара, има прашума на црн бор која е од светско значење и го носи името “Црна Пода” или црна шума. На површина од 20 хектари, Црна Пода е единствената црна борова шума во Европа и една од трите дождовни шуми во светот. Висината на стеблата достигнува до 45 метри, а нивната просечна старост е околу 400 години. Ваквата конфигурација на дрвја сѐ уште не е забележана во ниту еден запис, а тоа ја прави исклучително посебна и вредна за посета.

 

Тип: Поради свлечиште на земјиштето, дел од патот бил целосно уништен, но во моментов се работи на негова реконструкција. Само во одреден дел од денот е дозволен транзит, затоа добро информирајте се пред да одите и разговарајте со некој локалец кој може да ве упати.

Црна Пода – Мост “Đurđevića Tara”:

Кањонот на Тара или “Солзата на Европа”, како што многу пати е именуван. Ова е најдлабокиот кањон во Европа, а после Grand Canyon во САД, важи за втор најдлабок кањон во светот чија висинска разлика од дното до врвот достигнува до 1300м. Кога ќе го видите во живо или на слика, ќе разберете зошто. Кога нешто е од светски ранг, многу јасно е дека тоа што ќе го видите ги мине сите граници на очекуваното. 

Од неговите вкупни 74 километри должина, овој правец ќе ви покаже солидни 50км, каде неизбежно ќе се заљубите во импресивната конфигурација на природата, а најмногу во реката Тара.

 

Кристално чиста вода, тиркизна и отрпнувачки ладна, совршена за освежување во топлите денови или за било каква активност на вода доколку имате повеќе слободно време. 

Ќе ви ги кажам координатите од местото на кое правевме пауза, само внесете ги на Google Maps: 📍 43.12852, 19.31005

На крајот од патот ќе се најдете на раскрсница која е вашиот последен поздрав со оваа неопислива природа, но прво ќе ви се отвори поглед кон едно импозантно архитектонски издание кое тешко останува незабележано. Станува збор за мостот “Đurđevića Tara” кој се вбројува како еден од 20те најубави во светот. Своевремено претставувал една од малкуте конструкции од ваков размер, а за неговата изградба биле конструирани специјални дрвени скелиња какви што до ден денес сѐ уште не се направени. Со своите пет лаци премостува распон од 116м, а се издигнува на висина од 150м.

Ако сакате да додадете уште еден “+” на адреналинот во оваа тура, пријавете се на најголемиот zip line во Европа, кој се наоѓа токму овде.

Мост “Đurđevića Tara” – Жабљак:

Само 22км ве делат од сосема различна планинска панорама. Жабљак е највисокиот град на Балканот со висина од 1450м, кој е сместен во границите на Национален Парк Дурмитор. Нуди голем избор на сместување, разновидна и вкусна храна, неколку кампови и многу различни активности на кои може да се препуштите ако одлучите да останете.

 

За вас издвоивме три езера кои треба да ги посетите ако сте таму:

 

📍Црно Езеро – се наоѓа во непосредна близина на Жабљак и е најголемото планинско езеро на Дурмитор. Не е далеку од вистината дека е и најубаво, но ќе процените сами. За да го видите ќе треба малку да се раздвижите, но не се откажувајте од идејата затоа што патеката е кратка, интересна и многу пријатна. Обиколено со густа борова шума, езерото дозволува целодневна рекреација. Ако температурите се високи, не заборавајте костим за капење. Таму има и чамци кои се изнајмуваат, како и локален ресторан во кој може да вкусите од нивната традиционална храна.

📍Вражје Езеро и Рибље Езеро – познати како дурмиторски очи, овие две езера ќе бидат нешто сосема ново за вас. Се наоѓаат на десеттина километри од Дурмитор, се стигнува до нив со возило и се навистина уникатни. За нив се раскажува интересна приказна, но ќе зборуваме во друг блог

*овие две езера не се вклучени во рутата, но ги додадов во случај да имате време и желба да ги посетите.

 

За живописноста на Дурмитор има многу што да се каже, но едно нешто не ми излегува од глава. Пред неполна година бевме на Алпите, по што не можам, а да не ги забележам сличностите на овие две планински места. Кога ќе кажам “Балканските Алпи” мислам на Дурмитор. Секој ќе ви го потврди тоа, а можете и сами ако се одличите за турава. 

 

За целосно и комплетно доживување на овaa планинска идила, препорачуваме следнава точка да не ја тргнете од агендата.

”Дурмиторски Прстен” – Пивско Езеро:

Чист хедонизам за вљубеници во природата. Дурмиторски Прстен е панорамска рута, долга 84км, која кружи околу највисоките врвови кои го красат Дурмитор – Боботов Кук и Савин Кук.

 

Спремете се за целодневна авантура и препуштете се на оваа природна атракција, без притоа да се разделите од асфалтниот пат. Направете го тоа со било кое превозно средство и уживајте го секој километар на ваш начин.

 

Неофицијален почеток и крај на рутата е Жабљак, каде ќе си го поставите прашањето: “Да се движам според стрелките на часовникот или обратно?”

 

Во оваа тура се движиме како и часовникот, а несебично ќе споделам дека ќе ја возиме и најубавата секција од целосната рута. 

 

Ставете навигација до “Седло” или највисоката точка на прстенот и препуштете се на бајката што ја гледате пред вас. Ако го следите планот опишан во овој водич, веќе треба да е зајдисонце, планините да ги прикриваат сончевите сраци и да се претвораат во силуети.

 

Од “Седло” продолжувате кон Пивско Езеро, при што ќе се исклучите од панорамскиот прстен и ќе се упатите на лево. Нема долго да помине, а пред вас ќе се отвори спектакуларен поглед кон Пивско Езеро. За да се спуштите на негово ниво ќе треба да поминете неколку остри кривини и тесни тунели, но погледите во далечина ќе го олеснат возењето надолу.

Ова е најголемото вештачко езеро во цела Црна Гора, кое се протега цели 45км во должина, а достигнува длабочина дури 180м. Освен најголемо по површина, претставува и најголем резервоар на питка вода. Неговата тиркизна боја ќе ве натера да се запрашате дали е реално, но овие факти се и причина што привлекува голем број на туристи. Посетителите го користат за капење, риболов и рекреација, а поволно е за секаков спорт на мирна вода.

 

При подигнување на браната, преместен е манастирот кој своевремено бил издигнат на сегашното дно од езерото, а имало и пештера со длабочина од 11км која за жал, денес е целосно потопена.

 

На неговиот брег скромно лежи градот Плужине, кој е одлично место за пауза и нуди поглед на езерото од секое ќоше.

 

*на влезот од градот има бензинска станица

Плужине – Рафтинг Центар:

Оваа вечер резервирајте ја да останете околу граничниот премин Црна Гора – БиХ, покрај кој се наоѓа мега популарниот рафтинг центар. Реката Тара ја прави границата на овие две држави, а заедно со реката Пива се спојуваат и ја формираат реката Дрина. Овој природен процес можете да го видите и сами, доколку се спуштите на брегот.

 

Има голем избор на рафтинг кампови, за кои ве советуваме да си направите соодветно истражување. Масовниот туризам тука доведува до намален квалитет на услугата, за која не би сакале да уплатите предвремено (го напоменувам ова затоа што камповите се букирани месеци претходно, а истото треба да го направите и вие ако сакате да одите на рафтинг)

 

Наш совет е да си платите едно ноќевање (вечерта пред рафтинг) со вечера и појадок и рафтинг тура. Не повеќе од ова, затоа што самиот рафтинг трае неколку часа, не е претерано исцрпувачки и ќе имате време за некоја друга локација.

 

*Ние спиевме две вечери, но ова е една од измените кои ги спомнав на почеток. Едната вечер би ја замениле со ноќевање во Камп Дрина во БиХ (на околу 20км оддалеченост).

 

*Во рафтинг камповите нема ниту една продавница, останувате со оброците кои ќе ви ги приготват они. Конкретно во кампот што го уплативме ние, немаше можност да се порача дополнително храна поради премногу гости. Распрашајте се околу условите во поглед на храна.

ДЕН 3: ЦРНА ГОРА / БОСНА Слободен ден

(Рафтинг Центар / Фоча)

 

Ден без многу возење, резервиран за рафтинг авантура. Камповите имаат организиран превоз кој ве носи до локација за спуст на чамците. Они ќе ви обезбедат неопренско одело и кацига, а со вас доаѓа и водич.

 

Ќе ги видите најубавите делови од Тара, а колку порано ја направите турата, толку повеќе вода ќе има во реката и целото доживување ќе добие нов “+” на адреналинот.

 

По завршување, ве враќаат назад во кампот каде може да останете уште една вечер или да се преместите во нормален камп.

 

*од наше искуство го препорачуваме Камп Дрина кој нуди одлични услови, се наоѓа покрај самата река Дрина и има сопствен ресторан. Локацијата на кампот е во близина на градот Фоча во Босна и Херцеговина (на 28км)

 

*Доколку се одлучите да останете во рафтинг центарот, можете да се вратите уште еднаш до Плужине и Пивско Езеро на прошетка.

ДЕН 4: Босна и Херцеговина - Србија

Без разлика на одлуката за место за преноќување, овој ден имаме неколку места за посета, ништо помалку вредни за да се најдат како дел од турата.

Фоча – Вишеград:

Со цела нејзина убавина, реката Дрина ќе ве води низ зелениот пејзаж, за на крај да ви покаже еден значаен архитектонски споменик кој сведочи за долгата историја.

 

Вишеград, уште познат како Андричград е сликовница уште на прв поглед. Како негов симбол, кој не останува неприметен, се јавува камениот мост на Мехмед Паша Соколовиќ кој датира од отоманската ера. Но, ако ја имате читано “Мостот на Дрина” од Иво Андриќ, веќе знаете за што станува збор. Неговото постоење се популизира преку приказната која ја пишува Андриќ, а денес е позната туристичка атракција. Сепак, Мехмед Паша ја постигнал неговата цел да направи споменик кој е бессмртен и ќе зборува за различните приказни на луѓето. Во чест на Иво Андриќ, во 2014 година е издигнат мини-град веднаш крај мостот, кој сега ја преплетува повеќекратната историја и значење на ова мало место.

 

Веќе кога сте во Босна, се надевам нема да пропуштите шанса да пробате традиционална баклава, турско кафе од бакарно ѓезве или босански ćevapi.

Вишеград – Мокра Гора – Златибор:

Откако ќе влезете во Србија, ќе имате можност да ја видите Мокра Гора, а потоа ви препорачуваме кратка пауза во Златибор. Иако градот е популарна дестинација за зимски одмор, во летните денови не е ништо помалку убав. Напротив, зелените бои и природата комплетно доминираат, а ако барате дебела сенка тогаш земете го вашиот оброк за носење и одморете во ладовината на градскиот парк. 

Златибор – Златар:

Кратко по заминување од Златибор, ве чека прекрасниот појас на планината Златар. Најпрво, ќе се судрите со рефлексијата од езерото Златар која надалеку се гледа. Познато и под називот Кокин Брод, ова вештачко езеро ја има највисоката земјена брана издигната во Европа, која достигнува 83 метри. Направено е во 60-ите години, на коритото од реката Увац. Трето по големина во Србија, нуди вистинско доживување ако решите да пловите по него и да ги истражувате многубројните заливи. 

 

Езерото има непрекината врска со шумскиот појас на истоимената планина, во чие срце треба да се упатите. Овој предел изобилува со недопрена природа, која ќе ја доживеете само со возење преку планинскиот премин кон Сјеница.

Златар – Долината на Увац:

Не можете да направите грешка со сместувањето кое ќе го изберете за крај на овој ден. Градот Сјеница се наоѓа во непосредна близина на долината на Увац, а вилата која ние ја избравме е сместена малку подлабоко во планината. Нејзиното име е Бисерна Долина, а ние топло ви ја препорачуваме. Се наоѓа на падините и гледа директно во меандрите на реката, нуди мирен престој кој е во комплетен допир со природата, а вашето присуство ќе биде збогатено со домашна, вкусна храна приготвена со љубов од гостопримливите домаќини.

ДЕН 5: Србија - Македонија

Природен резерват Увац:

Едно од најголемите богатства на Србија е специјалниот природен резерват Увац. Коритото на реката Увац е обиколено со високи, стрмни карпи кои го следат течението во “S” форма. Ваквата морфологија на теренот прераснала во симбол на сите природни богатства на Србија. Долината на реката е погодна за различни активности како пловење, риболов, кампување итн.

 

Во близина на куќата се наоѓа и најпознатиот видиковец на Увац, до кој можете да стигнете пешки (6км) или со возило (300м пред него). Изборот направете го вие, но не го одминувајте во ниту еден случај.

 

*Координатите се означени на мапата

Природен резерват Увац – Нови Пазар:

Патот кон Македонија нѐ води низ Нови Пазар, а ние не успеавме да одолееме на мирисот од свежо приготвена храна. Нови Пазар е дел од областа Санџак и претставува културен центар на сите Босанци во Србија. Локалците се познати по производство на месни и млечни производи, па ако имате место за складирање, изберете си производи од било која локална продавница.

Нови Пазар – Езеро Газивода:

Ова е последното езеро на нашава (аван)тура, кое припаѓа на Србија и Косово, а плени со неговата небесно сина боја. Патот го следи неговиот облик, а тоа ни купува уште малку време за потонување во оваа убавина. 

Митровица – Приштина – Скопје:

Последните 100км не се ништо специјални, но се доволни за да направиме една ретроспектива на последните пет дена и да ни легнат сите емоции и доживувања.

 

Ако стигна до тука со читање, неизмерно ти благодариме. Посакуваме да ја оствариш оваа рута еден ден. Малку интензивна, комплетно планинска и неописливо живописна. Опфатени се пет држави, многу заштитени подрачја и значајни природни богатства во вкупна должина од 1200км. 

 

За сите дополнителни прашања, тука сме да ви помогнеме!

 

До следна авантура,

 

Ана и Мане