🇲🇰 ОСОГОВСКИ ПЛАНИНИ
Сите ги знаеме, а многу малку знаеме за нив. Планини кои пленат со своите зелени пространства. Планини покриени со густи шуми. Планини кои тивко и ненаметливо ќе станат прибежиште за сите љубители на природата.
Имавме чест да направиме еднодневна авантура во најубавиот период од годината, кога денот е долг, растенијата расцветани, птиците разиграни, а погледите од високо – незаборавни.
По препорака на нашите водичи, решивме да го истражуваме пределот Калин Камен, кој е познат за локалците, но не толку за останатиот дел на населението.
Минатиот пат избравме кратка тура до Станечки водопад, кој нѐ натера повторно да се вратиме во овој крај.
ЛОКАЦИЈА
Се пристапува преку Крива Паланка до каде возите по новоасфалтиран пат. Оттаму, се упативме кон Осоговски Манастир – ремек дело и значаен христијански објект сместен во прегратките на планината. Манастирот располага со конаци во кои може да преноќите, но и со широка тераса за пауза и пронаоѓање на духовниот мир кој го нуди местото.
ТУРА СО КОЊИ
Од манастирот, продолжувате по асфалтираниот пат кој ќе ве одведе до областа Калин Камен. Тука, се впуштивме во нашата прва активност – јавање на коњи. Се запознавме со Лиса, Лишко и Шаре и тргнавме на шумска експедиција. Наш водич беше Дарко, кој има навистина инспиративна приказна за коњите, а големата љубов и пасија се препознава од далеку. Коњите се питоми, добро тренирани и особено внимателни при совладување на стрмниот шумски терен, што го прави јавањето лесно, удобно и навистина забавно.
КАМП
Направивме кружна тура и се спуштивме во единствениот планински камп во овој крај. Станува збор за M Adventures Parkland, слатко и таинствено прибежиште во шума, каде верувам ќе се дисконектирате од сите грижи.
Ова е камп простор целосно природен и може да го користите со ваша опрема или да изнајмите од таму. Интересниот дел е што има различни активности и забавни игри, древени летниковци за дружба со пријателите и место за логорски оган. Температурите во летниот период се идеални, дотолку што ќе заборавите дека е лето.
ТУРА СО АТВ
По разладување под дебелата сенка, продолживме кон нашата попладневна активност – возење на АТВ мотори. Наша мисија беше да ги освоиме повисоките делови на планината и да украдеме погледи во далечина. Имавме предвидено кружна тура, а по пат посетивме бункери останати од војната и караулата на врвот од ридот, возевме по сртот на планината, видовме диви коњи и се искачивме до врвот Калин Камен. Како дел од рутата беа и двете езера – т.н Мало Езерце кое е планинско и добро скриено, а другото е познатото езеро Калин Камен – прекрасна пикник дестинација која треба да ја ставите на листа за посета.
ХРАНА
На крај на еден ваков исполнет ден, наградата е вкусен оброк, а таквиот ќе го најдете во Конак Калин Камен. Вкусно, направено со љубов и послужено со внимание, секоја порција беше мелеем за душа, а погледот кон длабочината на планината – уште едно задоволство кое нема цена. Препорака: ако доаѓаш тука, пробај ја нивната автентична плескавица со печурки 10/10 .
ОРГАНИЗАЦИЈА
Целосната организација ја препуштивме на M Adventures кои се погрижија да имаме супер забавен ден, притоа покажувајќи ни ги најубавите, недопрени предели на Осогово, а дали вреди ова да се види во живо, оставам сликите да зборуваат.
Се гледаме на планина,
Ана и Мане