🇲🇰 Леднички езера на Јабланица

Ако нас нѐ прашувате, ова е рутата што секој љубител на природата треба да ја искуси. Планината Јабланица е место на кое не забораваме да навратиме, а ако мора да се одлучиме само за една тура – тогаш би била оваа! 

 

Препорака 10/10

Општо

Планината Јабланица се издигнува над Охридско Езеро од страната на град Струга и важи за една од најубавите во Македонија. Таа е дел од Европскиот зелен појас, кој е значаен по неговите растителни карактеристики. По должината по која се протега, источните падини припаѓаат на Македонија, додека западните лежат на територијата на Албанија, во која е прогласена за национален парк. Тргнувајќи оттука, може да заклучиме дека станува збор за специфична природа, која е дом на единствени единки на флора и фауна. Нивното присуство е толку изразено, доволно е да се движите по маркираната патека за да го почувствувате, видите, помирисате и слушнете.

 

Можеби не сте знаеле досега, но планината Јабланица е доста пристапна. Освен што ќе наидете на асфалтирани патишта до селата, таму ве чека палета од планинарски и MTB патеки меѓу кои може да бирате.

 

Денес ќе се задржиме на една од нив, која нас ни е особено драга и на која задолжително се враќаме, а ја нарековме: 

3/4 ЛЕДНИЧКИ ЕЗЕРА НА ЈАБЛАНИЦА

На Јабланица постојат 4 планински езера и чудно, но вистинито, сите се наоѓаат на релативно блиска дистанца. Во оваа рута, опфаќаме три од нив. Движењето е кружно по маркирана патека, со што ви гарантираме максимално уживање, а вкупната должина е 7 км кои може да ги совлада секој физички активен човек.

Почеток

Иако има неколку начини да се стигне до езерата, нашиот избор за стартна точка е селото Лабуништа, поточно Лабунишки бачила. Оддалечени се 20км од Струга, во насока на селото Велешта, а ова е точната локација:

До тука може да стигнете со возило, бидејќи поголем дел од патот е асфалтиран, но имајте предвид дека делот од патот меѓу селото Лабуништа и самите бачила е со кратки и многу стрмни кривини. Додека со теренско возило нема да имате проблем, со обична кола може да биде предизвик.

 

Алтернатива за овој проблем е да побарате некој од мештаните да ве пренесе и да си платите за услугата или да се обратите во Камп Скаут во Струга и да ви организираат превоз до таму и назад.

 

*Информирајте се дали има редовна линија на градски превоз до село Лабуништа

Патека

Патеката ја започнувате од бачилата, на надморска височина од 1600м, во правец кој е означен на мапата во прилог. Високите стебла останаа позади вас, а сега сте обиколени со зеленило, цветни пасишта и шумот на потокот кој минува покрај трлата.

 

*Внимавајте на овчарски кучиња. Досега сме немале проблем, но тоа не значи дека е безбедно. 

*Ако носите куче, чувајте го на поводник додека не ги одминете. 

*Ако видите овчари, известете ги дека ќе минувате.

*Ако трлата се празни, има можност да се сретнете горе со некое од стадата. Во таков случај, тргнете се подалеку додека не поминат и не им го сечете патот.

 

Од ваша десна страна ќе ви се отвори поглед кон еден прекрасен врв, уникатен по облик и терен, кој не верувам дека ќе остане незабележан. Името му е Стрижак (2233мнв) и е втор највисок врв на Јабланица.

 

Качувајќи се на повисоко, ќе имате ретка можност да се соочите со ваков спектакуларен поглед, кој достигнува до сите околни планини и високи врвови, па дури и кон Охридско Езеро и неговото водно пространство. 

 

Живописноста на Јабланица е непобедлива. Планината е полна со вода, а потоци извираат под секој камен. Секој искачен метар носи различни цветови и растенија, а со нив и различни инсекти кои прелетуваат од еден на друг. Ваквата природа е толку изразена, што не треба да си стручњак по биологија за да ја прочиташ.

ГОЛЕМА ЛАБУНИШКА ЛОКВА

Првиот допир со планинските езера, воедно и прва пауза за впивање на оваа убавина. Езерото е со неправилна форма, скриено во теренот на околу 1920м. Има длабочина од 2.85м и се смета за трето по големина.

МАЛА ЛАБУНИШКА ЛОКВА

Во непосредна близина, на речиси еднаква надморска височина лежи и најмалото ледничко езеро на Јабланица наречено Мала Лабунишка Локва или Долна Лабунишка локва.

 

Има форма на планинско око, а неговиот изглед значително се менува преку годината. Патеката минува покрај него и се искачува до соседниот срт каде повторно нѐ чека неверојатен поглед.

ПОДГОРЕЧКО ЕЗЕРО

Искачувањето ќе ви биде напорно после кратката пауза, но верувајте дека погледот вреди. Ова е највисоката точка на рутата и ако стигнавте до тука, ви честитаме.

 

Гледате директно во најголемото планинско езеро на Јабланица, позади кое се издигнуваат карпести врвови и ни даваат чувство дека сме на Алпите.

 

Додека погледите на сите се вперени кон напред, не заборавај да се завртиш и да погледнеш кон делот од патеката по кој се движеше. Не сакам да ти правам spoiler, но ова е филмска сцена каде малото езеро и Стрижак се во една рамка. Не заборавај да си направиш фотографија за успомен.

 

Движењето е полесно веќе кога гледаш што те чека. Овојпат плажата ти е на 2000мнв и водата не е топла, туку освежувачки ладна. Ако си тип што прави ice-baths земи си костим за капење и нурни во планинските води.

 

Подгоречко езеро заваќа површина од околу 4000м2 што го прави најголемо од сите четири кои може да ги сретнете на оваа планина. За него има неколку интересни факти:

  • и покрај неговата местоположба на високо, во езерото има жив свет
  • достигнува длабочина од 10м, што го прави исто длабоко колку и Дојранско Езеро
  • водата од езерото е питка и освен што се користи за напојување на добитокот, се користи и за пиење во околните села

Остаток од патеката

Ако вашата пауза заврши, време е за враќање назад, односно продолжување напред во нашиот случај. Движењето е во правец на потокот кој претекува од езерото. Потоа низ широки пространства од зелени пасишта се спуштаме кон шумата. На овој дел потребно е да го поминеме камењарот, кој претставува последна препрека.

 

На крајот, повторно доаѓаме до бачилата со што го завршуваме кружното движење.

Дополнително

  • Постои алтернативна рута за враќање, која може да ве симне до соседното село наречено Подгорци, од каде постои опција да се вратите со сопствен превоз, градски превоз (ако постои редовна линија) или такси. Во овој случај, ќе треба да се исклучите од кружната патека и да се упатите во друг правец.
  • Ако одлучите делот од Лабунишки бачила до село Лабуништа да го спуштите пешки, постои патека паралелна на асфалтираниот пат, но не е маркирана и ја немаме на мапа.  Консултирајте се со локални планинари претходно и побарајте совет.

Алтернативна мапа: 

Кампување

  • Наша препорака за кампување во Струга е Камп Скаут, кој е позициониран во градот, но совршено скриен и таинствен што ќе заборавите дека сте во населено место. Нуди различни типови за сместување како: шатор, паркинг за кампер возила, дрвени куќички и соби. Во центарот на кампот има заеднички простор за седење со огниште, па ако си сам/а, тука ќе се сретнеш со многу истомисленици!
  • Кампувањето во природа е втора опција и одличен избор за сите авантуристи. Најдете си соодветен camping spot покрај некое од езерата и уживајте во погледот од милион ѕвезди! Потоа, оставете ја природата чиста и недопрена, како што ја најдовте.

Временски услови

Над Јабланица се судираат три различни клими, кои придонесуваат за променлива прогноза преку целата година. Затоа, советуваме да имате соодветна опрема со вас, која ќе задоволи 4 годишни времиња.

Диви животни

Планината Јабланица е дом на кафената мечка, балканскиот рис, волкот, како и различни типови на змии меѓу кои и Шарката отровница. Иако досега немало проблем меѓу луѓето и животните, не заборавајте дека вие се движите на нивна територија. Затоа, најдобро е да го најавите вашето присуство со тоа што ќе бидете гласни. Чукајте со стапче, носете свирче или закачете ѕвонец на вашиот ранец. Ако ги немате овие реквизити, доволно е металните шољи за кафе да ги закачите на ранецот од надвор.

За крај

Се надеваме дека оваа статија те инспирираше да ја ставиш Јабланица на листата за посета, а откако ќе го направиш тоа – едногласно ќе се сложиме дека заслужува да стане уште еден национален парк во Македонија!

 

До следна авантура,

Ана и Мане