10 места на Олимп - планината на боговите

Националниот Парк Олимп е природен споменик на Грција, тесно поврзан со сите митолошки приказни кои ќе ги слушнете и прочитате. Не е ни чудо што се смета за дом на боговите, најдобро отидете и уверете се сами.

 

Областа Pieria е наша слатка дестинација години наназад, а кампот Mitikas наша база и појдовна точка за сите мали екскурзии кои ги правиме во околината. За некого здодевно место, но за нас инспирација и можност да ги имаме морето и планината во иста панорама. Не е тоа доволно голема причина за авантура?

Тука ги издвоивме местата кои ги имаме посетено, а оваа листа ќе се ажурира секојпат кога ќе имаме нешто да додадеме. До тогаш, искористи ги слободните денови за истражување и посети барем една од овие локации:

Litochoro

Има места кои ни го освоиле срцето, не се многу познати, не се ни најубави, но присуството на некоја енергија прави да им се враќаш. Литохоро е едно од тие. Мало гратче, нетипично грчко, со тесни улички и разиграни куќи, вкусна и традиционална храна и симпатични локали сместени под дебелите сенки на старите крошни. Но, неговата убавина добива уште поголема вредност кога стоите на централната улица, на која едниот крај се губи во кањонот, а другиот се спојува со хоризонтот на морето. 

Enipeas Gorge

Планината Олимп ја делат два големи кањони, кои се нејзин заштитен знак и причина за драматичниот изглед секојпат кога ќе кренеш глава и погледнеш нагоре. Enipeas е името на првиот, кој се наоѓа во близина на планинскиот град Литохоро. Во неговите длабочини крие десетици базени, полни со кристално чиста, отрпнувачки ладна, изворска вода, која доаѓа од истоимената река. Стигнете до центарот (кај кружниот тек) и следете ги знаците, тие ќе ве одведат до влезот на националниот парк. Не се плашете да истражувате подалеку од вашиот комфор, можеби ќе откриете некое скриено богатство.

 

*влезот е бесплатен

Bath of Zeus

Се верува дека богот Зевз доаѓал тука да се разлади, во придружба со различни девојки, но никогаш неговата жена – божицата Хера. Не го правете и вие тоа, туку земете ја вашата партнерка и однесете ја на прошетка низ оваа преубава природа. Патеката е кратка, нуди незаборавни погледи на кањонот и без проблем може да одите со деца и миленици. Добро е означено, обезбедено и уредно средено. Ако тоа го правите во летниот период, ви предлагаме да дојдете во раните утрински часеви и да избегнете гужва.

Prionia & Enipeas Waterfall

Планината Олимп е речиси недостижна, како и боговите кои царуваат тука, но ако сакате да видите мал сегмент од нејзините височини, упатете се кон Прионија. Оддалечена неполни 20км од Литохоро, претставува највисоката пристапна точка на надморска височина од 1100м. Тука ќе најдете планинско ресторанче кое служи домашна и вкусна храна по пристапни цени. Оттука започнуваат патеките кон највисокиот врв наречен Митикас, па очекувајте да сретнете бројни планинари кои се качуваат и спуштаат, ако и вие не сте еден од нив. До Пријонија можете да стигнете со кола (20км) или пешки (5ч) од Литохоро.

 

Во непосредна близина се наоѓа водопадот Enipeas кој формира глечерски плав базен пред него. Не пропуштајте да го видите, затоа што ќе имате можност на кратко да ја доживеете убавината на планинската патека која продолжува да се искачува нагоре.

Old Holy Monastery of Saint Dionysios of Olympus

На само 3 километри од Пријонија, возејќи по истиот пат за назад, ќе наидете на знаци кои ве насочуваат кон стариот манастир на Дионис, а ние топло ви препорачуваме да не го одминувате. Вешто скриен во густите шуми на националниот парк, ќе ви изгледа како да сте стигнале на слепа улица која води до некакви руини. Тоа беше и нашиот прв впечаток, но дадовме шанса и сепак испаднавме да видиме што се крие позади нив. Станува збор за православен манастир кој датира од 16 век, делумно реконструиран за и денес да ги задоволи основните потреби, делумно оставен автентичен, сам за себе да зборува за долгата историја.

 

Внатре владее мир и хармонија, а погледите кон Олимп ќе ве наведат да мислите дека навистина планината го чува овој манастир.

Stavros Refuge Shelter

Уште едно место на патот кон Пријонија, но ова има посебен шарм, затоа што нуди погледи од Олимп до прв крак и цело Егејско море на дланка. Оставете си место за кафе или ручек, ветувам дека ќе ви се допадне.

Dion

Сместено на северните падини од планината Олимп, селото Дион ќе ве телепортира во античката ера каде ќе имате можност да научите за боговите и древните народи, да видите како живееле и да застанете на истото место од каде Филип Втори и Александар Македонски тргнувале во поход. Да се биде присутен на локација која се спомнува во сите митолошки приказни и легенди, локација која ја поврзуваат со Зевз, неговите роднини и останати богови, со спартанците и со низа надреални суштества е навистина интересно. 

 

Освен прошетка низ селото, препорачуваме да ги посетите античкиот театар, археолошкoто наоѓалиште, светиот храм на Зевз, хипокаустот од античките бањи. 

Orlias Stream & Kokkinos Vrahos Waterfalls

Едни од најубавите водопади на Олимп се наоѓаат во близина на селото Дион. Додека се движите по тесната патека ќе ви се чини дека сте на погрешно место, но имајте трпение затоа што вистинските богатства секогаш се срамежливи и таинствени во дивината. Наградата за вас ќе биде разладување во ладните базени, а ќе добиете и неочекуван одмор на телото и умот. 

 

Пристапувате преку селото Дион, можете да се движите по насоките од Google Maps. Од водопадот Orlias ве делат неколку минути пешачење, а од Kokkinos Vrahos неполн час.

Agia Kori Waterfall and pools

Магично и живописно место кое не смеете да го прескокнете доколку сте дојдени да го истражувате Олимп! Се стигнува брзо и лесно, но тешко се заминува! Како и претходните два водопади, се наоѓа во околината на Дион, но овојпат треба да се упатите прво кон селото Karitsa, а подоцна кон Vrontou. Ги следите патоказите до манасторот Ekklisia Agia Kori, покрај кој има голем паркинг. Оттука, погледнете кон дрвената табла и продолжете да ги следите ознаките кои ќе ви го покажат шумскиот пат до водопадот, а потоа препуштете се во магијата на оваа оаза!

Magnetic Fields of Olympus

Дали знаете дека на Олимп постои место на кое има магнетно поле? Барем така се зборува. Ние ќе ви ја откриеме точната локација, а вие проверете сами дали е вистина или станува збор за оптичка илузија!

 

На патот од Лептокарија кон Олимп, на делот со серпентини (остри кривини) можете да видите како колата застанува на удолница, водата тече нагоре, а ако фрлиш топка се тркала од пониско кон повисоко. Чудно? 

 

Следете ги патоказите “Magnetic Field”, а кога ќе наидете на делот што е означен со црни линии – тогаш сте на право место. Чекаме импресии! Сме биле многу пати досега и секогаш е забавно искуство за нас!

 

Ти посакуваме незаборавна авантура на Олимп и не заборавај да ни кажеш кое од овие места ти остави најголем впечаток!

 

Се гледаме на планина,

 

Ана и Мане