🇬🇷 KEFALONIA
Доколку си во потрага по егзотични плажи со тиркизна вода, фотогенични и разнобојни селца, мистериозни пештери и живописна природа – ова е единствениот водич кој треба да го следиш! Ти ја откриваме нашата кружна тура, преку која ќе ги искусиш сите страни на островот и ќе те води низ прекрасни пејзажи.
ОПШТО
Кефалонија е најголемиот остров на Јонско море, истовремено и највисок, секоја негова страна нуди различен пејзаж, а ако се ова ти звучи познато, можеби го имаш гледано филмот “Мандолината на капетан Корели”.
Изобилува со голем број на атрактивни локации и разновидни пејзажи, кои нема да дозволат да заминеш дома без куп доживувања и импресии. Септември е последниот месец од летото и означува крај на сезона, а тоа го прави погоден за посета и истражување на вакви локации. Деновите се сончеви и топли, ноќите пријатни и свежи, а бројот на туристи значително помал од претходните месеци. Како патници кои избегнуваат масовен туризам, одлука да патуваме во овој период од годината беше од особено значење и ги задоволи нашите потреби.
ПРИСТИГНУВАЊЕ/ТРАЕКТ
До островот пристапивме преку Лефкада, како најбрз начин за пристигнување. Се качивме на траект од селцето Василики, кое се наоѓа на јужниот дел, иако има опција за траект и од Нидри (во моментот не беше достапна). Времетраењето е 1 час, после кој стигнувате на северниот дел од Кефалонија, поточно во Фискардо. Карта за траект (двајца + возило > 4.25m) чини 63€ во еден правец.
FISKARDO
Шармантно рибарско селце, скриено во прегратките на карпести ридови, меѓу кои се издигнуваат безброј маслинови дрвја. Ќе ве пречека на островот и ќе ве импресионира со традиционална архитектура, куќи во различни бои и тесни, симпатични улички. Познато е по своето пристаниште кое е рај за морепловците, а долгиот ред на таверни и барови ги примамува сите кои случајно ќе се најдат на шеталиштето.
За неговата слика да биде комплетна, мора да ги спомнеме и околните плажи, кои треба да се посетат. Тоа се мали и таинствени места, изолирани од постојаното движење на туристите, а до нив се стигнува пешки, преку кратки шумски патеки.
– Foki beach; Dafnoudi Beach, Kimilia beach
Иако ги видовме сите три, избравме да се задржиме на плажата Кимилиа, а тоа беше и нашата прва средба со Јонско море и тиркизна вода.
CAMP 1
По некое време уживање, дојде ред да ја пронајдеме првата кампинг локација. Голема помош зво овие денови имавме од апликацијата park4night. Истата содржи информации додадени од кампери и нивно искуство во однос на локации кои може да ги искористите за преноќување, доколку сте со возило.
Се одлучивме за пределот околу плажата Alaties, a возилото го поставивме на врвот од енормно високи карпи кои се издигнуваа над морето. Првиот впечаток за Кефалонија беше комплетен кога утрото во 6 часот се разбудивме под црвено изгрејсонце низ кое продираа боите на виножитото.
ASOS
Следната локација од овој водич е тивка и ненаметлива, но многу впечатлива во целосната панорама. Асос е мало селце чија посета е задолжителна доколку си на островот. Неговата уникатност произлегува како комбинација од шарени, естетски куќи во пастелни бои, мирни плажи, непречен поглед кон тиркизното море и околината од бујна вегетација. Стави го на листа ако си патник кој ужива во автентичната грчка култура.
SAMI
Нашата авантура смени правец и преку планина стигнавме на источниот брег. Причина за нашето доаѓање во градот Сами беше кампот во кој бевме сместени наредните две ноќи!
Сами е совршениот град за летен одмор. За разлика од другите планински места низ кои поминавме, тука теренот беше рамен, улиците широки, а венецијанските градби беа одраз на богатото наследство на островот. Главниот крајбрежен пат претставува граница меѓу големото и прометно пристаниште и низата ресторани и продавници.
Во негова близина се наоѓаат едни од најпознатите туристички места, а нивната посета топло ја препорачуваме доколку решите да поминете некое време тука.
CAMP 2
Втората локација на која ноќевавме е кампот Karavomilos, во градот Сами. Препорака 10/10 ако сакаш да престојуваш само на едно место, а оттаму да шеташ наоколу.
Кампот е прилично голем и целосно уреден, со широки парцели, доволна сенка, има јазли од кујни и тоалети на повеќе локации.
Се наоѓа на околу 1км од центарот на Сами и можете без проблем да шетате пешки или пак да уживате на истоимената плажа која се наоѓа пред самиот влез.
MELISSANI CAVE
Пештерата Мелисани е оддалечена еден километар од градот Сами и се смета за едно од најуникатните места во цела Грција. Во нејзината внатрешност се крие езеро со кристално чиста и тиркизна боја. Пештерата, заедно со езерото, е сместена во околина од густа шума, истата која вешто и долги години го криела ова природно богатство далеку од очите на туристите.
Пронајдени се во 1950те години кога покривниот свод на пештерата се срушил, а сончевите зраци ја истакнале тиркизната боја на водата внатре. Езерото е уште познато како и езеро на нимфите, а според верувањата на локалците, името Мелисани го добива по една од нив. Достигнува длабочина до 5м и висина на пештерата од 30тина метри, а нејзините векови стари сталактити и сталагмити го даваат мистериозниот изглед.
Картата за влез чини 8€ , а во цената е вклучена кратка тура со кајче, каде водичот ќе ви ја раскаже историјата за местото.
ANTISAMOS BEACH
Релативно блиску до Сами, се наоѓа и оваа позната плажа. Белите ситни камчиња и тиркизната вода се причина за големата посетеност, а лесниот пристап до нејзе преку вода и копно, ја прави уште поголем фаворит меѓу посетителите.
Добро е уредена со лежалки и чадори за сонце, има неколку барови и ресторани, пријатна музика и бесплатен паркинг за секој што ќе дојде. Ако си дел од групата на туристи кои сакаат да бидат сами на плажа, да уживаш во звукот на брановите и мирисот на морето – продолжи да се движиш до крајот на плажата, пронајди скриено место под сенките на крошните и помини го денот таму.
POROS и SKALA
Се упативме кон југозападниот брег, а пред да стигнеме до следната камп дестинација, застанавме во градот Порос, кој изобилува со скриени плажи во околината. Порос е познато туристичко летувалиште, а неговиот традиционален изглед, прекрасна природа и сино море ќе те измамат да останеш подолго од планираното!
Веднаш по него, патот те води во Скала. За градот има многу да се зборува, а рецензии од светски патници ќе го потврдат истото. После земјотресот од 1952 година, градот почнува со обнова, а голем дел на архитектонски остатоци сѐ уште може да ги пронајдете доколку почнете да шетате низ тесните улички.
Ја има најголемата градска плажа на островот и сама по себе е место за релаксација и уживање. Очекувај естетски катчиња, пријатно уредени барови и таверни, мали продавнички и безброј рачно изработени сувенири кои ќе сакаш да ги понесеш дома.
KORONI BEACH / CAMP 3
Заминавме од Скала, главниот пат продолжи да се протега на граница со крајбрежјето, каде погледите кон Јонско море се бесконечни. Незнаејќи ја нашата следна кампинг дестинација, одлучивме да дадеме шанса на непознатото. Иако имавме запишано места кои сакаме да ги посетиме на Кефалонија, оваа плажа дефинитивно не беше дел од листата!
Нејзиното име е Koroni, до нејзе се стигнува преку стрмен пат со кривини, но дефинитивно вреди да се посети. Веднаш пред да се спуштиш на плажата, покрај патот има природна изворска вода. Не заборавај да понесеш термос и да си наполниш.
Ова беше првата песочна плажа на која згазивме, а ако се одлучиш за истата рута како нас – тука ќе го пронајдеш својот спокој и мир, во буквална смисла. Водата е кристално чиста, околината е ретко населена и за туристите е речиси непозната, што ја прави совршена пикник дестинација, место за кампување или само мирно парче земја од големиот остров каде ќе го гледате магичното зајдисонце.
ARGOSTOLI
Возејќи долж брегот, се наближивме кон главниот град на островот наречен Аргостоли. Беше време за мало урбанизирање на нашата тура, бидејќи откако стигнавме на островот веднаш се соединивме со природата. Градот е вистинско доживување и без сомнение ќе ви разбуди чувство како да припаѓате таму! Голем е, има неколку паралелни улици кои се протегаат по негова должина, вклучувајќи ја и онаа од пристаништето.
Низ времето, дел од нив станале пешачки зони, а истите денес важат за урбани јадра каде огромен број на локалци и туристи редовно транзитираат. Утрата во Аргостоли се препознатливи по два специфични мириси: првиот е мирис на штотуку извадено пециво од фурна, кое успева да се пробие низ секое ќоше, а потоа е мирисот на свежа риба, уловена во раните утрински часеви, спремна за продавање на пристаништето.
Но, најинтересниот дел од утрата е еден посебен момент кој се повторува. Истовремено кога рибарските чамчиња се враќаат назад кон пристаништето, по нив доаѓаат големи морски желки кои се главна атракција, а локалците и туристите не пропуштаат шанса да ги набљудуваат на момент.
Кефалонија е дом на два видови морски желки. Првиот е Loggerhead sea turtles, уште познати како Caretta Caretta и најчесто ги има на јужниот брег (овој вид допливува на пристаништето во Аргостоли), додека вториот вид Chelonia Mydas или зелената морска желка која се крие вo подводните морски ливади и само неколку среќници успеваат да ја видат.
Ако си ранобуден (а и да не си), направи прошетка околу 8-9ч наутро и не пропуштај да ги видиш овие навистина ретки животни кои возбудено пливаат околу чамците и ги чекаат рибарите да им фрлат по некое парче риба пред да се вратат во длабочините на Јонско море.
CAMP 4
Во близина на градот, на брегот од морето, пронајдовме ширина која е створена за кампери. Попладнето го уживаш најубавото зајдисонце, ноќта ги набљудуваш светлата од градот, а утрото се будиш со звукот на брановите.
FTERI BEACH
Без размислување и го доделуваме првото место за најубава плажа на островот! Таинствена и совршено скриена во пејзажот од високи карпи, со бели камчиња, густо зеленило и тиркизно млечна вода како природен базен. Ќе те натера да се замислиш дали си на друга планета или можеби во рајот. Ова е творба на природата која е рамна на сите светски, егзотични дестинации.
Има два начини да стигнеш до нејзе:
-преку такси на вода кое е достапно на пристаништето Зола. Цената на картата во два правци е 20€ и искуството е незаменливо.
-преку планинарска патека, каде за 40тина минути ќе пристигнете на плажата.
Не заборавај да понесеш сѐ што ти треба за тој ден, како храна, вода, крема за сончање, забавни игри и слично. Фтери ќе те освои и со сигурност нема да сакаш брзо да заминеш!
Пс. Земи си и ќеса за отпадоци од причина што плажата не е урбанизирана и нема соодветно место за одлагање отпад
MYRTOS BEACH
Второто место на листата најубави места на островот Кефалонија го доделуваме на плажата Миртос. Грандиозна, беспрекорно убава и уникатна, со обезбеден колски пристап до нејзе и неколку барови со низа лежалки. Очекувајте педесет нијанси на плаво, неповторлив поглед на отворено море и огромни карпести гребени наоколу.
На пат до нејзе ќе наидете на видиковец од каде може да направите совршени фотки и да ја врамите целата плажа во еден кадар.
*Патот до доле е стрмен и со кривини, а на одредени места дел од лентите се оштетени. Бидете внимателни и бавни додека возите. На самата плажа има бесплатен паркинг, што значи сите лични работи и реквизити ќе ви бидат при рака.
*Цените за изнајмување лежалка се прилично високи поради популарноста на местото, затоа крпа и чадор не се никогаш на одмет!
LIXOURI
Веруваме дека ќе сакате да го истражите и западниот дел од Кефалонија, а причина за тоа е неговата разноликост. Она што ќе ве освои се меките песочни плажи и уникатните глетки на кои ќе наидете.
Прва задолжителна посета е местото Ликсури. Мало, рибарско градче, со ниски и обоени куќи, многу пријатно за прошетка или традиционален ручек, а не ретко е и дестинација за престој на туристи од цел свет.
Вредноста на ова место станува уште поголема поради неговата близина и припадност со таканаречената црвена плажа Кси.
XI BEACH
Контраст од доминантно црвена песок и бело-сиви карпи, каде текстурите од природата вешто се преплетуваат.
Името го добива по истоимената грчка буква Xi, како што и самата плажа наликува од птичја перспектива. Поделена е на два дела, едниот добро организиран за туристи, со кафе-барови, лежалки и активности на вода, а останатиот дел мирен и тивок, наменет за уживање и впивање на прекрасната околина.
Оние кои сакаат да искористат природна маска за убавина, тука се кријат глинени карпи кои посетителите можат бесплатно да ги користат и да си направат целосно природен третман со глинена кал! Според многу научници, глината се смета дека има лековити и прочистувачки својства, а делува и како детоксикација од различни фактори!
Ова е неограничен третман ако имаш своја рутина за нега! За останатите, ветуваме смирувачко дејство за мозокот и телото на оваа плажа!
PETANI BEACH
Последно, ја избравме плажата Петани пред да ја напуштиме магичната Кефалонија. Се крие на најзападниот дел, поточно на полуостровот Палики и ни остави силен впечаток. Можеби на прв поглед не изгледа привлечно како Фтери и Миртос, но имаше некој посебен шарм кој го направи нашиот престој навистина пријатен.
Обиколена е со карпи, а велат дека е позната по нуркачите кои доаѓаат да истражуваат. Има две таверни и низа лежалки, така што уживањето и услугата се комплетни. Советуваме да не ја испуштите, ќе ви биде јаготка на шлагот за крај на авантурата!
ЗАКЛУЧОК
Кефалонија е локација која ни понуди различни перспективи, во споредба со останати локации во Грција. Да си на остров, а притоа 10 дена неуморно да истражуваш, за нас е богатство кое ретко каде ќе го најдеш.
Секоја нејзина страна е дом на уникатна природа, комплетно различни плажи, погледи и чувства. Со оваа тура, ќе ја заокружиш Кефалонија од твојата bucket листа, затоа што вистински ќе го доживееш секое ќоше.
*информациите поврзани со цени, работно време/период, насоки итн, се од информативен карактер и важеле во периодот кога ние сме биле таму. За точни податоци, истражувајте онлајн.
До следна авантура,
Ана и Мане