Станечки Водопад и Езеро Калин Камен

Добредојдовте во североисточна Македонија. Релативно неистражен регион од страна на туристите, но истовремено предел кој изобилува со природни богатства и можности за рекреација за сите љубители на природата.

 

Станечки водопад и езерото Калин Камен се нашиот избор за оваа авантура, а во продолжение ќе ви раскажеме сѐ што треба да знаете пред да се упатите кон нив.

 

Прво и најважно, следи го нашиот водич, а не Гугл Мапс, бидејќи ќе те однесе во погршна насока и ќе го отежни твојот пат до водопадот (освен ако не сакаш доброволно да избереш потешка рута)

 

Во близина на Крива Паланка, се наоѓа селото Станци кое претставува наша појдовна точка на рутата до водопадот. Селото нема голем број на стални жители, а старите куќи се препуштени на природата која со текот на времето ги земала под нејзина закрила. Оваа глетка е навистина интересна за набљудување, а звукот на тишината ќе го надополни твоето целосно доживување на овој магичен спој.

 

На крајот од селото, од твојата лева страна, очекувај мост кој ќе те однесе на другата страна од реката, а на пеесеттина метри од него ќе здогледаш дрвена табла која служи како патоказ. Ако стигнеш до нејзе, веќе си на правото место и можеш да се препуштиш во убавините на оваа зелена оаза.

 

Патеката е уредна, со мали, дрвени мовчиња секаде кај што треба да преминеш преку рекичката, сѐ додека не го слушнеш силниот шум кој го создава водопадот. Истиот ќе ти биде водилка и знак за да очекуваш да го видиш пред тебе во секој момент

 

Таму ќе најдеш дрвена платформа со маси и клупи, кои се совршени за одмор и пикник, а водата која прска наоколу со сигурност ќе те задржи да седиш повеќе од што треба, особено во летните денови.

 

За да го видиш Станечки водопад ќе ти бидат потребни 40 минути пешачење, а со тебе слободно можеш да земеш деца и миленици и да им го направиш денот незаборавен.

*Ние не видовме стока и селски кучиња, но биди внимателен и провери веднаш кога ќе стигнеш за поголема сигурност.

 

Кога ќе одлучите дека сте подготвени да продолжите кон следната дестинација, потребно е да се вратите до возилото, како и по патот по кој дојдовте до селото, за да завртите од другата страна на планината и да се искачите до езерото Калин Камен.

 

Патот до него е 90% асфалт, но и последните 10% можете да ги возите со кола. Доколку не се чувствувате удобно да возите по земја, слободно оставете го возилото затоа што за многу кратко ќе стигнете и пешки.

 

Топло ви препорачувам да го дочекате зајдисонцето покрај езерото и да ја осетите магијата на планината пред да засени ноќта, а ако си страствен љубител на отвореното небо, тогаш не ја заборавај опремата за кампување и претвори ја оваа еднодневна екскурзија во викенд авантура.

 

Види ги нашите објави на Инстаграм од ова место – побарај “Крива Паланка” во хајлајтс.

 

Координати:

 

📍Село Станци:

  • 42,17698° N, 22,37914° E

📍Станечки Водопад:

  • 42,17629° N, 22,39641° E

📍Езеро Калин Камен:

  • 42,17593° N, 22,42102° E

+типс: ако си пешки и си спремен за планинарење, од водопадот можеш да продолжиш по планинската патека и да стигнеш на езерото, а по течението на реката имаш можност да откриеш други, помали водопади. Оваа патека не е рекреативна.

 

Се гледаме на планина,

 

Ана и Мане