🇭🇷 Национален Парк Плитвице, Хрватска
Раскошот на природата нема граници, а доказ за тоа е Националниот Парк Плитвице во Хрватска. Без разлика дали веќе сте го посетиле или е сѐ уште непознат за вас, ние ќе ви го раскажеме нашето искуство и ќе споделиме неколку совети за да имате незаборавен престој на оваа извонредна туристичка локација.
Лоциран е на граничниот појас со Босна и Херцеговина, а во длабочината на бујната природа крие совршености за кои не можете ни да претпоставувате. Како најстар и најголем национален парк во цела Хрватска, опфаќа површина од околу 300м2 и се вбројува во листата на природни наследства под заштита од УНЕСКО.
Од Јадранско море го дели планината Велебит, а еден прекрасен планински превој ќе ве пречека или испрати. Доколку вашата авантура се ориентира кон поморскиот крај, еве мапа од самиот премин.
ПРВА ПОСЕТА: Што треба да знам?
Бидејќи станува збор за огромна површина која чека на вас да ја истражите, првото искуство може да биде збунувачко. Затоа, зачувајте си ги следниве информации.
БИЛЕТИ И ЦЕНИ
Влезните карти може да купите онлајн или на билетара кога ќе стигнете таму. Доколку купувате онлајн, најдобро е да бидете сместени во околина или ако имате можност да стигнете рано наутро. При резервација на карта, потребно е да наведете термин кога би пристигнале, затоа што бројот на посетители е ограничен. Секако, пожелно е да го почитувате времето на пристигнување, во спротивно ќе треба да чекате долга редица.
Цената на картата варира од 10€ – 40€ за возрасно лице.
Во зависност од сезоната во која патувате, масата од туристи се менува, а ако имате среќа да сте таму во октомври, некои од деновите се водат како денови на националниот парк, па картата може да ве чини само 10€ наместо 23€.
Кликни тука и провери ги цените пред да направиш агенда за посета https://ticketing.np-
ВЛЕЗ И ПАРКИНГ
Националниот парк има 2 официјални влезови, со два паркинзи за посетители соодветно. Картата за паркинг се наплаќа 1€ од час, што е сосема разумно земајќи предвид дека еден цел ден ќе ви биде потребен да разгледате сѐ што има да понуди локацијата.
Паркирајте се на влез број 1, а ќе објасниме и зошто.
Направивме подетално истражување за како да поминеш квалитетно време, притоа да ги видиш најубавите погледи, а само со започнување на рутата од првиот влез ќе го добиеш тоа.
РУТИ
Организацијата на паркот е добро смислена, иако на прв поглед нема да ти делува така. Постојат 4 главни рути меѓу кои можеш да бираш по која ќе се движиш, а означени се со A, B, C и K.
Ние ја бираме рутата “C”. Оваа рута нуди пристап кон водопадите од предна страна и важи за најубава. Движи кружно и има должина од 8км вкупно. Патокази и мапи има насекаде, ваше е само да ја следите ознаката “C” или друга, ако оваа не ви изгледа како соодветна за вас.
ПАТЕКА “C”
За време на турата ќе имате можност да видите природен феномен, езера кои каскадно се поставени на теренот и претекуваат од едно во друго. Пределот е значително богат и посебен во поглед на флора и фауна, а водата е толку чиста што се гледа дното и сите водни суштества кои таму живеат.
Патеката се провлекува покрај сите водопади и езера, иако малку тесна, одлична е за движење. Поставени се мостови, точки за фотографирање, клупи, летниковци по нејзината должина.
И покрај големиот број на туристи, движењето има тек.
На неколку избрани точки има ресторани, кафетерии и тоалети. Можете да си купите што ќе посакате, но би ве советувале да си припремите храна од дома, како и кафе во термос кои ќе ги носите во ранец. Дозволен е внес на храна и ќе се изненадите колку многу луѓе практикуваат да ги користат овие пикник локации. Истите имаат маси со клупи, каде можете бесплатно да уживате во оброкот под отворено небо.
Како дел од рутата “C” се смета и преминот преку најголемото езеро. Добрата вест е што пловењето е вклучено во вашата карта. За да го добиете треба да го приложите влезниот билет кој ќе ви го скенираат пред да се качите на бродот. Овој дел од рутата се одвива со електронски бродчиња кои не ја загадуваат природата. Доаѓаат на секои 5-6мин и може да бирате кога ќе се качите. На другиот крај од езерото, продолжува пешачката патека.
Во непосредна близина на влез 2, повторно ќе наидете на пикник област, која воедно е појдовна точка на автобусите. Истите се наменети само за посетителите на паркот и може да ве однесат кон влез 1, каде ќе ве остават на 1км пред крајот. Имате опција да бирате дали ќе се качите или ќе продолжите пешки. Превозот дозволува влез за миленици, а како што кажавме, возењето со автобус ви е вклучено во цената на картата.
*Ако си тип што не сака гужви, почетокот ќе ти изгледа хаотичен. Не се разочарувај, затоа што тука гравитираат сите поединци и групи кои не можат долго да пешачат, па си користат момент за уживање во прекрасната природа. Остатокот од патеката е премногу пријатен и верувам дека ќе имате момент само за вас.
ВРЕМЕТРАЕЊЕ
За исполнување на сите точки од посочената рута ќе ви бидат потребни најмалку 4-5 часа со сите вклучени паузи за разгледување, уживање, јадење, тоалет итн. Сметајте го за целодневна екскурзија.
Најдобро е да дојдете во раните утрински часеви и да ја почувствувате магијата на природата. Работното време на паркот е променливо, затоа најдобро информирајте се пред да резервирате карта.
ДОМАШНИ МИЛЕНИЦИ
Дозволен е влез на домашни миленици, под услов тие да бидат на поводник. На ова прашање треба добро да размислиш дали твоето куче следи команди и дали може да поднесе голем број на луѓе и други кучиња во непосредна близина.
КАМПУВАЊЕ
Во рамките на самиот камп не е дозволено кампување, но затоа имате солиден избор на кампови во околината каде може да преноќите пред или после посетата на паркот. Ние го избравме кампот “Bear” кој е оддалечен 4-5км, а едно ноќевање нѐ чинеше 24€ за нас двајца, нашето куче и возилото, без користење на струја.
Кампот е мал, сладок и одличен избор за краток престој.
СУМА НА СИТЕ ТОЧКИ ОД ВОДИЧОТ:
- Билетите се купуваат онлајн или на билетарата пред влез
- Цена на билети: 10€ – 40€
- Постојат два влеза: означени како 1 и 2
- Паркинг: 1€/час
- Избираме рута “C”
- Должина на рута: 8км
- Во цената на билетот спаѓа пловење со брод по големото езеро и автобуски превоз до влез 1
- Дозволен е влез на домашни миленици
- Дозволен е внес на храна и пијалоци
- Времетраење: 4-5ч
*Податоците споделени во текстот кои се однесуваат на цени, работно време, отворени стази итн. се информативни и може да подлежат на промени. Проверете го официјалниот вебсајт на националниот парк за моментална состојба.

За крај
Ова е уште еден водич од наше искуство, кој ќе ти помогне полесно да се снајдеш. Доколку одлучиш да го следиш ти посакуваме незаборавна авантура!
Ако потоа заклучиш дека е корисен, ќе ни биде драго да споделиш со нас. За нас тоа значи мала победа и се радуваме на секој еден од вас кој слободното време го минува во природа!
Се гледаме на планина,
Ана и Мане