ЛЕСНОВО, КНЕЖЕВО И КРАТОВО

Ако мислиш дека источниот дел на Македонија е неатрактивен, ќе ти го докажеме спротивното. 

 

Навидум мирен крај, чии богатства не се експонирани и вреднувани како останати региони од нашата држава. За многумина оваа некомерцијалност е пречка, а за нас терен во кој се крие 1001 авантура.

 

Но, ние сме тука да ви помогнеме да бидете туристи во сопствената земја. Овој водич го опфаќа североисточниот регион, со неколку одделни локации кои му припаѓаат.

ВУЛКАНСКИ ПЕШТЕРИ

Патувањето го започнуваме од лесновкиот регион, а први на листата ни се вулканските пештери. Таен локалитет кој претставува ризница за една богата и моќна историја, полна со интересни факти.

 

Во минатото, на ова место постоел вулкан, чија лава се слевала во подножјето и формирала масивен вулкански рид. Со текот на времето, вулканот згаснал, а лавата се исушила, по што овој предел станал поволен за домување. Години подоцна, настанува Лесново, единственото село во Македонија кое комплетно лежи на вулканска подлога. Како такво, неговите жители креирале трајна историја кога започнале да го користат вулканскиот рид како главен ресурс за нивното живеење.

 

Со клесање на карпите и создавање на воденичарски камења, формиран е пештерски систем кој е прв и единствен, целосно добиен од човечки фактор.

 

Готовите производи ги носеле во Солун и Цариград, каде имало голема побарувачка и биле добро платени за истите. Се верува дека секое семејство од селото поседувало по една пештера, на која работеле. Според историските податоци, мештаните на селотото се занимавале со клесарство, како основен и единствен занает.

 

Од друга страна, неретко се спомнува и религиозната поврзаност на пештерите и луѓето. Едно од преданијата говори дека тука живеел Гаврил Лесновски, заедно со уште тројца други светители: Јоаким Осоговски, Прохор Пчински и Јован Рилски. Во временска рамка од 30 години, тие цврсто се посветиле на молитва и строг пост, за потоа да се разделат и да ги продолжат сопствените мисии на четири различни страни.  Гаврил Лесновски одлучил да остане и го подигнал светиот храм во истоименото село.

 

Ден-денес пештерите служат како духовно прибежиште на православните христијани, а остатоците од икони сведочат за тоа.

ЛЕСНОВСКИ МАНАСТИР

Во близина на пештерите, на самиот влез во селото, гордо се издигнува Лесновскиот Манастир – библиски објект, кој во себе носи длабока светост. 

 

Црковниот храм бил изграден во втората половина на 11 век и е посветен на Св. Архангел Михаил. Внатрешноста на црквата сведочи за посветеноста и макотрпноста на народот, а комплексните ракотворби сѐ уште важат за неоткриени мистерии. Фрескоживописот е дело на четворица зографи, додека иконостасот од длабока резба е првото дело на тајфата копаничари на Петре Филиповски – Гарката.

 

Овој манастир е значаен книжевен центар во Македонија, кој ги чува ракописите и житијата на бројни книжевници, а благодарените на локалното население кои се грижеле за неговото опстојување, зачуван е до денес. 

 

Своевремено важел за манастир со богат економски статус, под чија закрила стоеле голем број на цркви и села. Традиционално, секоја недела манастирот служи црковни оброци во самиот двор, а граѓаните имаат можност да присуствуваат на овој собир. 

КНЕЖЕВСКО ЕЗЕРО

Недалеку од Лесново, на падините од Осоговските Планини, лежи езерото Кнежево. Вештачка акумулација, која сѐ уште спаѓа во групата неистражени, а истовремено нуди различни можности за авантуристите.

 

На надморска висина од 1020м, се протега цели 3км во должина и 150-200м во ширина. Достигнува длабочина од 70м, а неколку населени места од околината се напојуваат токму од ова езеро.

 

До него се стигнува преку Злетово, по планински пат со кривини кој е речиси непознат за масата туристи. По неговата должина од 20км, ќе имате можност да уживате во неворајтни глетки на оваа вистински недопрена природа.

ПЛАНИНСКИ ПРЕМИН: КНЕЖЕВО - КРАТОВО

Нашето откритие за оваа година е планинскиот премин од брана Кнежево до градот Кратово. Како дежурни истражувачи на Македонија, задоволството нема мера кога ќе пронајдеш вакво место.

 

Патот започнува на 1км пред езерото, во долината на Злетовска Клисура. Станува збор за премин кој не можете да го најдете на мапа, затоа следете го ова објаснување и препуштете се на авантурата.

 

Почетна точка:

  • 📍 42.1052571, 22.2951067
  • 🚗 се движите во правец на село Каврак, а потоа кон село Близнаци

 

Завршна точка:

  • 📍 42.0700241, 22.1939972
  • 🚗пристапувате од јужен/југоисточен влез во Кратово

 

Основни информации: 

  • Асфалтот е солиден, со оштетувања само на неколку места (каде ќе треба бавно да преминете). Широк е колку една коловозна лента и од страната на езерото прилично стрмен, со кратки кривини
  • Максималната надморска висина на која се искачува е 1430м. Возите по сртот на планината и ги имате на дланка сите планини кои се преплетуваат во далечина, надополнети со сјајот на зајдисонцето кое се спушта позади нив.
  • За да го извозите овој сегмент ќе ви биде потребен час и половина (1.5ч)
  • Поминува низ неколку мали селца, речиси неприметни од патот. Има локалци кои редовно се движат во правец на Кратово, па за било каков проблем може да ви помогнат.
  • Немавме мрежно покривање од почеток до крај
  • Може да го возите со кола, мотор, теренско возило, велосипед
  • Во текот на зимата, локалците тврдат дека е речиси непристапен 

КРАТОВО

На крајот од планинскиот правец, ве чека мал град, со големо културно и градетелско наследство. Еден од најстарите и најзначајни на Балканот, кој го носи прекарот “Градот на мостовите”. Името “Кратово” е тесно поврзано со постоењето на вулкански кратер под неговото тло, што придонело до експертиза во копање тунели, премини и рударство како главно занимање на мештаните од овој крај.

 

Низ годините, градот бил под различни влијанија, чии траги можат и денес да се прочитаат. Препознатлив по староградската македонска архитектура, Кратово претставува значаен градетелски центар, со неговите тесни сокачиња, куќи од камен и дрво, високи кули, масивни мостови и подземни тунели (дел од нив и денес постојат).

 

Ако имате желба да дознаете нешто повеќе околу историјата на Кратово и да ѕирнете во постоечките тунели, ве советуваме да отидете во Ресторан Александрија. Вработените се љубезни и ќе ви направат кратка тура, затоа што токму под нивниот ресторан се наоѓа вистинското богатство. 

 

Не пропуштајте да пробате традиционална кратовска пастрмајка пред да продолжите со истражување.

 

➕ Дополнителни локации кои може да ги вметнете во турата:

  • Камени Кукли: Споменик на природата за кој кружат различни научни факти и легенди. Се наоѓаат бо близина на Кратово, кај село Куклица. На влезот од локалитетот има инфо центар каде ќе ви објаснат повеќе околу настанувањето на овој природен феномен.
  • Цоцев Камен: Уште една извонредна креација на природата, која датира од неолитско време. Се наоѓа на 25км западно од Кратово и според научниците важи за единствен локалитет во светот кој е светилиште, жртвеник и опсерваторија истовремено. Познатата “карпа што зборува” достигнува висина до 100м, а во нејзе крие симболи и други остатоци кои раскажуваат за праисториските луѓе и нивните ритуали.

 

Погледни ја целата приказна на нашиот Инстаграм.

 

За било какви прашања околу водичот, ве чекаме да ни пишете во порака!

 

До следна авантура,

 

Ана и Мане