Езеро Младост

Оваа статија ја посветуваме на нашиот дом – Езерото Младост. Велам дом, затоа што ова е местото каде што игравме како мали, растевме, се дружевме и забавувавме. Место кое и денес ни е прв избор за прошетка, каде кафето е најслатко и каде дружбата со пријателите е најдолга.

 

Како двајца велешани, наша должност е да си ги промовираме убавините, затоа денес ќе ви откриеме три тајни места од каде може да уловите најубав поглед кон езерото.

 

📍41,76432° N, 21,76464° E

Нашата мала, тајна локација која нуди сосема нова перспектива на езерото и каде без сомнение ќе уживате во мирот и спокојот на природата. Се тргнува од првата плажа, од левата страна на патот, а од таму се искачувате до дадените координати. Среќа, патеката е кратка и нема да ви биде потребно многу време за да стигнете. Од тука ќе имате поглед кон магично зајдисонце.

(важно: нема сенка, вегетацијата е ниска)

 

📍41,77522° N, 21,76254° E

Ова местенце ќе го најдете од страната на Отовица. До него можете да стигнете пешки преку поплочена патека, веднаш после Хотел Романтик или од задната страна да поминете под автопатот кај Отовица и да се упатите лево кон езерото. Има можност да преноќите со шаторче, но бидете дискретни затоа што ова место е познато по дневните прошетки.

 

📍41,79700° N, 21,74799° E

Се наоѓа покрај стариот пат од Велес за Скопје и нуди незаборавен поглед на езерото и околниот пејзаж од далечина. Локацијата е одлична ако сакате да преноќите во возило или да си направите пикник со поглед 🚙.

(важно: нема сенка, вегетацијата е ниска)

 

Патеката околу езерото има должина од 6км, а освен што можете да пешачите, можете да понесете суп даска, кајак или wind surf со вас, за кои има одлични услови. Ќе ни биде драго и ако дојдете спремни за кампување и се скриете во некое ќоше, но не заборавајте местото да го оставите како што ќе го најдете. Сепак, ова е нашиот дом и сакаме да ни е чисто, вие идете еднаш, но ние сме редовно таму.

 

А за сите гурмани, посетете ги локалните ресторани околу езерото и уживајте во вкусот на храната со прекрасен поглед пред вас.

 

Ве чекаме на гости,

 

Ана и Мане