🇲🇰 ВОДОПАДОТ НА РЕКА БАБУНА
Ако си тип кој секогаш бира тури со крајна дестинација што е јаготка на шлагот, тогаш патекава е за тебеВодопадите се едни од многуте богатства на природата кои нѐ оставаат без здив. Толку силно привлекуваат внимание, што нашиот престој во природа секогаш го прават подолг од планираното
Водопадот на Бабуна не е ништо помалку, а често ќе слушнете за него дека е најубавиот водопад во Македонија Еве неколку информации кои ќе ви бидат корисни ако сте расположени за авантура.
Се наоѓа во Централна Македонија, на планината Јакупица. Ако сте со намера да го посетите, треба да се упатите кон село Богомила, да поминете покрај стариот камен мост, а низ самото село да ги следите знаците кои водат до рибникот во Нежилово (рибникот е лево
, а селото десно
на последната делба на патот).
Асфалтираниот пат завршува кај рибникот, каде може да го оставите вашето возило и да продолжите пешки по широкиот пат. Ако сте со теренско возило, само преминувате во off-road возење
После 30тина минути возење (или отприлика 2-2.5 часа пешачење) ќе наидете на дрвена табла/патоказ за водопадот, позади кој продолжува тесна патека која минува низ густата шума.
Планинарската патека е маркирана и истата ве води до самиот извор на реката Бабуна, пештерата или познатиот водопад. За да ја освоите крајната дестинација (од патоказот до водопадот) планирајте пешачење во наредните 50-60мин
На делови од патеката се поставени скали од дрва кои ја олеснуваат стрмнината на теренот, како и безбедносна сајла.
Иако должината на шумската патека е кратка, сепак ќе ви биде потребна соодветна опрема за временските услови, високи чевли за во природа (доколку немате, може обични за снег/дожд) и облека во повеќе слоеви, бидејќи температурата низ шумата и покрај водопадот е доста пониска. Во случај да сте љубители на ладната вода, задолжително земете си купаќи, затоа што тука ќе доживеете освежување од соништата!
Внимание: на одредени места патеката е тесна и лизгава, ви препорачуваме да одите со некој кој е физички поспремен од вас (ако вие самите не сте)
Ако со вас доаѓаат и помали деца, задолжително надгледувајте ги за време на пешачењето и понесете соодветна опрема и за нив.
Доколку ви остане време, вратете се на широкиот пат (кај патоказот) и продолжете нагоре до Чеплес (помалку од 1 час пешки или 10мин возење). Искористете го овој момент за да го извадите мезето кое си го спремивте од претходниот ден! Добро друштво никогаш не е на одмет за ваква локација
Се гледаме на планина,
Ана и Мане